Веруваме во Единствениот Бог и Отец, Творец на Небото и Земјата, Кој е Дух, Вечен и Неразделен, Семоќен, Сеприсутен, Вседржител. Веруваме дека Господ Е Еден, но е Троединен (Три личности кои претставуваат Едно: Отецот, Синот и Светиот Дух). Создавањето, спасението и осветувањето произлегуваат од Светото Тројство, но поделено меѓу трите Личности во Бог:
Отецот е Создателот Кој создава со Својата Волја, искупувањето и спасението преку Синот отелотворен преку Светиот Дух на Земјата, осветувањето преку Светиот Дух кој доаѓа од Отецот со молбата на Синот.
Веруваме во Господ Исус Христос Совршениот Бог и Совршен човек, единствениот Спасител на грешниците Кој беше распнат за сите нас, умре, на третиот ден од смртта воскресна според Словото Божјо, се вознесе на Небото и седна од десната страна на престолот на Отецот и Го испрати Светиот Дух на Земјата Кој дојде од Отецот.
Веруваме дека во последниот ден Исус Христос ќе се врати со Слава да им суди на живите и мртвите и да ја земе со себе Својата Невеста (Црквата) која треба да е без дамка, света и непорочна, очистена од грев и усовршена преку Светиот Дух. Веруваме дека Црквата треба да е исполнета и движена од Светиот Дух и во неа да се практикува жива вера проследена со знаци и чуда кои укажуваат на Царството Небесно. Веруваме дека секој кој ќе се роди од Свет Дух при Второто Христово доаѓање, Исус ќе го воскресне преку истиот Тој Дух со кој е крстен. (Римјани 8:11)
Веруваме дека никој не може да се оправда преку дела, туку само преку вера во Господ Исус Христос. (Ефесјани 2:8)
Библијата е Боговдахновено Откровение на Божјата Волја кон луѓето и е совршен и единствен темел за христијанската вера, богоугоден и побожен живот. (2 Тимотеј 3:16,17)
Веруваме дека секој Христијанин е должен да оддава слава и благодарност кон Господ Исус Христос, живеејќи според Божјото Слово и спроведувајќи го во сите аспекти на своето живеење. (Јаков 1:23-25)
Веруваме дека секој човек е грешен по Адам, но со исповед на своите гревови пред Бога и покајание за истите, и кога ќе поверува во Господ Исус Христос по Благодат Божја:
- ќе биде спасен (Марко 16:16; Римјани 10:9,10),
- ќе стане Божјо чедо (Јован 1:12),
- ќе прими вечен живот (Јован 6:47).
Веруваме дека Христовата Црква се состои од вистински новородени, покајани верници крстени во едно крштавање кое започнува со водно крштавање (целосно потопување под вода), а завршува со крштавање во Свет Дух (исполнети со Сила одозгора кои како знак дека се крстени зборуваат на непознати јазици).
Веруваме дека секој новороден Христијанин (роден во вода и Дух) треба да ги развива плодовите на Светиот Дух и да копнее да Му служи на Бог преку дарбите на Светиот Дух и во име на Господ Исус Христос. (Галатјани 5:22-26; 1 Коринтјани 12:7-13)
Веруваме дека Исус Христос е Господ и Спасител и е глава на Црквата во која верниците ја темелат својата вера на Божјото Слово – Библијата.
Веруваме дека верата во Бога дава дела за Божја слава. Таа вера се изразува низ секој верник движен од Светиот Дух со авторитетот и власта во името на Господ Исус Христос против ѓаволот и демоните кои се противници на Бога. Веруваме дека Мисијата на Христијанинот е да го љуби Бог и да го љуби својот ближен како себеси. Тоа се практикува со тоа што Христијанинот го прави она што сака другиот да му го прави него. Љубовта на Христијанинот за Бога и човекот се демонстрира и со создавање на ученици на Господ Исус Христос според Библиски методи. (Матеј 7:11-29; Матеј 28:18-20)