Со благодарност кон Бога, радост и прославителни песни денес во ХЦ Блага Вест во РМ беше одбележан христијанскиот празник Педесетница.
Ѓакон Анита Христова Димчева започна со молитва која го подигна Духот на сите. Потоа Маја Јовевска ги предводеше децата со две духовни поеми кои ги освоија срцата на многутите присутни. Познатата коерографка Бисера Димчева го водеше подмладокот на дечињата од Црквата кои со танц Го славеа Бога.
Ѓакон Јана Савовска го пренесе живото Слово преку Светиот Дух и присуството на Бога беше излеано како љубовен оган во сите присутни. Пастор Ќамил Зекироски од ХЦ Блага Вест -Прилеп, радосно ни сподели живо слово за важноста на празникот Педесетница и Крштевање со Светиот Дух. Ѓакон Софија Кузмановска водена од Светиот Дух не потсети за тоа колку е важно служењето на Бога, поткрепено со примери од Светото Писмо.
Ана Божинова ни сподели за разликата помеѓу лажната и вистинската почит, посебно акцентирајќи за почит кон пасторската служба. На крајот Пастор Јуле и Николче од ХЦ.Блага Вест на РМ од Охрид, водеа огнена молитва со застапување за сите, а дел од оние кои првпат присуствуваа го примија Исус за свој Господ и Спасител.
Педесетница – Духовден е роденден на Новозаветната црква, водена од Светиот Дух, затоа Му благодариме и го славиме Живиот Бог, Господ Исус Христос, бидејќи сѐ е од Него, за Него и преку Него и водени од нашите Епископи Константин и Милена Кајшаров живееме живо христијанство!